Интервјуа, Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Линдита Вејсели Мустафа

 

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Линдита Вејсели Мустафа, лиценциран психолог во Завод за ментално здравје за деца и млади „Младост“-Скопје.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Линдита Вејсели Мустафа: Најголемо влијание и пресврт во мојот живот имаше самата преселба во Скопје (инаку јас сум кичевчанка и со гордост го кажувам тоа). Скопје иако не ми беше непознато бидејќи студирав тука, сепак разделбата не беше лесна. Но, секој предизвик и промена имаат нешто убаво во себеси. Овде створив семејство, се пронајдов себеси на професионален план, најдов работа која ме исполнува, пријатели и колеги со кои поминувам многу време и ми се како дел од семејството

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Линдита Вејсели Мустафа: На жените во Македонија им е потребно разбирање и подршка, а најмногу од се им треба почитување,(посебно од страна на мажите).

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Линдита Вејсели Мустафа: На мајките на моите мали пациенти често им кажувам да одвојат време за себе и своите деца, да поминат повеќе квалитетно време со нив, да ги сакаат и да им пружат лубов, ги советувам дека не е важно ако речат дека си лоша домаќинка важно е да речат дека си добра мајка

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Линдита Вејсели Мустафа: Дајте им ја власта на рака и самите ке се зачудите што сè жените можаат

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Линдита Вејсели Мустафа: Во Македонија има многу нешта што треба да се сменат, но бидејќи повеќето ме знаат како хуманистка би ги наброила од хуманитарен карактер: нормален живот за децата од улица, подршка и реинтеграција на жените од социјално ранливи категории, жртви на семејно насилство и слично, содветно образование и вработување на младите за да немаат потреба да бараат подобар живот во странство.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Линдита Вејсели Мустафа: Oвде ако ми дозволите би ја цитирала Вјоса Османи – Претседателката на Косово која вели: „на жените местото им е таму каде што тие ќе посакаат, таму каде што сонуваат и за кое место тие вредно работат“. Значи прифатете се себеси со сите мани и доблести и верувајте во себе, ако низ животот паднете, станете и продолжете да одите и ако при падот сте се повредиле, тоа ве прави појаки.