Интервјуа

Ирена Тушевска, Заменик Претседателка на ФИЦЕ

Ирена Тушевска, Заменик претседателка на невладината организација Фице Македонија, голема хуманистка, социјална работничка, која едновремено работи со камиони кои возат ширум Европа.

Еднакви.мк: Како ја добивте идејата да почнете да работите со менаџирање на камиони?

Ирена Тушевска: Од кога се омажив отидов да живеам во Берово, некое време неможев да најдам работа. Како дипломиран социјален работник нормално барав работа по струка, но кај нас тешко кој може да ја најде, па така и јас морав да размислувам за друга работа.

Како ќерка на шофер и снаа на шофер отидов на обука за диспечерство на камиони и кога стекнав самодоверба почнав најпрво да ги менаџирам само двата камиони на мојот свекор. За многу краток период напредував и имаше премногу заинтересирани компании кои сакаа да бидат менаџирани од моја страна.Така решив да отворам и канцеларија и да вработам неколку луѓе. Многу е одговорна оваа работа и верувајте ако немате добар планер и диспечер, транспортната компанија може да работи во загуба.

Еднакви.мк: Со колку компании работите во моментов и каде најчесто возат камионите кои ги менаџирате?

Ирена Тушевска: Во моментов менаџираме 20 тина компании. Камионите возат низ цела Европа, но најчесто Германија, Бенелукс и Скандинавија. Сепак релациите се најчесто по желба на клиентите.

Секако работиме и со берзи и многу од нив возат и Бугарија, Грција, Македонија кон Европа и назад.

Еднакви.мк: За вас велат дека сте многу добар менаџер и добар диспечер , може ли да ми кажете што се треба да поседува добар диспечер?

Ирена Тушевска: Има премногу диспечери денешно време, но навистина ретко има добри диспечери. Навистина одличен диспечер за камиони треба да ги поседува следните вештини и особини:

-Организираност

-Фокусиранoст

-Внимание на деталите

-Способност за повеќе задачи

-Прилагодливoст

-Високо ниво на самодоверба

-Супериорна комуникација

-Емпатиja и сочувствителност

-Исклучителна емоционална самоконтрола 

Добриот диспечер мора да биде способен да го координира распоредот на патувањата на возачот, да управува со маршутите и да се справува со повиците и барањата од клиентите, продавачите од трети страни и нивните супервизори.  Тие мора да носат одлуки самоуверено и да имаат знаење за да ги поддржат.Супериорните комуникациски вештини се неопходни како диспечер за камиони. Писмените и вербалните вештини се навистина значајни, но потребна е и способност да се слуша со ниво на емпатија и сочувство. Способноста да се разбере точно што некому му е потребно и да се дејствува според тоа – професионално и ефикасно – е вештина што го прави диспечерот одличен. Работењето како диспечер за камиони може да значи справување со многу стресни и емоционални ситуации. Способноста да останете смирени и да дејствувате со разум, наместо со емоции, е од суштинско значење за успехот во оваа улога. Понекогаш, испораките се менуваат и можат да одат во друга насока од првично планираната. Затоа е важно да се одржи ниво на флексибилност и приспособливост во рамките на улогата. Значајно е и брзото размислување и донесување добри одлуки и пресуди со малку време за планирање однапред.

Еднакви.мк: Кои се одговорностите на диспечерот на камиони?

Ирена Тушевска: Работата како диспечер за камиони може да значи долги часови работа и многу концентрација. Тие се одговорни за распоредот на возните часови на возачот и за целoсна комуникација со возачот додека e на работа. Овој тип на комуникација може да вклучи информации за доцнење во сообраќајот, дефекти на возила или проблеми со испораката.

Камионските диспечери се исто така одговорни за евидентирање на транспортните трошоци како соодносот на километражата со потрошеното гориво, поправките, и исто така се очекува од нив да ги следат сите детали за испораката. Тие планираат рути сo кои на крајот ќе заштедат време на возачот и пари на компанијата.

Тие дури можат да бидат одговорни за пронаѓање на нови возачи или барање на други компании за транспорт за да ги исполнат сè поголемите барања на клиентот.   

Еднакви.мк: Дали е тешко да се биде диспечер?

Ирена Тушевска: И тоа како оваа работа е тешка и напорна. Бара голема посветеност и трпеливост. Бара високо ниво на организација, фокусираност, внимание на деталите и трпение. Диспечерите постојано управуваат со голем обем на барања. Тоа може да биде навистина стресна работа. Но луѓето кои ги поседуваат основните вештини може да бидат добро прилагодени за работа како диспечер за камиони. Јас навистина имав проблем да најдам луѓе според моите очекувања па како мајка и човек со премногу обврски беше навистина тешко за мене да можам нормално да функционирам.Сега сум среќна што конечно направив добар тим, најдов квалитетни луѓе што без нив секако не би успеала. Ги поздравувам и им благодарам на трпението и истрајноста во оваа работа. 

За да си добар лидер треба прво да ги процениш вредностите на луѓето што работат за тебе, да ги цениш истите, да се залагаш за нивните интереси и да го наградуваш нивниот труд. Потоа ќе видите дека како бумеранг тие ти вракаат со продуктивна работа и успеси. Исто е и со шоферите, јас и од најмрзливите шофери сум нашла начин да ги мотивирам и да извадам добри резултати од нив.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на луѓето кои имаат камиони бидејќи знаеме дека многумина се обесхрабрени и одбиваат да транспортираат поради високата цена на нафтата и новите закони дека камионот треба да се враќа на одреден период во матичната земја?

Ирена Тушевска: Да оваа година беше некако клучна и многу од транспортерите се откажаа. Мое мислење е да не се обесхрабруваме, на Европа и недостасуваат многу шофери, па според мене нема секаде да стапи на сила тој закон во брзо време.

А и да стапи ние имаме решение, имаме доволно тури за да ги вратиме на време во матичната земја и да ги вратиме повторно горе, тука зборуваме за бугарските и словенските компании. Со добро планирање и менаџирање, невозможно е да се работи со загуба.

Еднакви.мк: Кажете ми како се снаоѓате со сите овие одговорности, со оглед на тоа што сте и Заменик претседател на Невладина рганизација, социјален работник и мајка?

Ирена Тушевска: Кога работиш со верба во себе дека тоа што го работиш вреди, ве исполнува и некој тоа го цени, а посебно кога нештото што го работиш е сработено од срце и љубов тогаш човек може се да постигне. Од секогаш сум сакала да помагам, без разлика каде сум и на секој кој сум помогнала било од срце. Дали била психолошка помош или материјална, кога можам секогаш помагам. Сето тоа го увиде претседателката на Фице и пред две години ми ја понуди работата да бидам Заменик Претседател на Фице, а како дипломиран социјален работник на кој сон му било да работи по професија одлучив и да стекнам практично искуство и во таа област. Па така ми се исполни и таа желба. Немаме секојдневни обврски во Здружението, па така да може да се постигне. Она малку слободно време што го имам го посветувам максимално на мојата ќерка, таа ми дава најголем мотив и сила да бидам она што сум сега.