Интервјуа

Љупка Вртева: Стојам зад секоја моја одлука

  Љупка Вртева е машинска инженерка, добитничка на признанието „Инженерка на годината 2023“ во Словенија, која годинава беше вброена меѓу 12-те највлијателни инженерки во светот во рамките на престижниот избор „Women Engineers You Should Know 2026“ на Society of Women Engineers. Активно работи во областа на енергетиката, а преку својата професионална и јавна ангажираност се залага за поголема видливост на инженерството и за охрабрување на младите, особено девојките, да изберат STEM професии.

Еднакви.мк: Во 2023 година ја добивте титулата „Инженерка на годината“ во Словенија. Кога денес ќе се навратите на тој момент, што сметате дека беше најважниот фактор што Ве доведе до тоа признание – знаењето, упорноста, луѓето околу Вас или нешто сосема друго?

Фото од приватна архива на Љупка Вртева

Љупка Вртева: Мислам дека не постои само еден фактор. Знаењето е темелот, упорноста е двигателот, но ако треба да издвојам што беше најважно, тогаш тоа се луѓето и средината. Не затоа што знаењето или упорноста не се важни напротив, тие се неопходни туку затоа што искрено верувам дека никој не успева сам. Секој човек може да има талент, знаење и големи амбиции, но тие ќе останат само потенцијал ако нема средина што ќе му овозможи да расте. Јас ја имав таа среќа. Словенија ми даде можност да го развијам својот потенцијал, да учам, да преземам одговорност и да се докажувам. На тој пат сретнав луѓе кои веруваа во мене, ме охрабруваа, ме предизвикуваа да размислувам пошироко и ми отвораа нови можности. Тоа ми помогна не само да станам подобра инженерка, туку и подобар човек. Секако, ништо од тоа немаше да биде можно без многу работа, дисциплина и постојано учење. Но денес, кога ќе се навратам на тоа признание, не го доживувам како успех на еден човек, туку како успех на едно општество што препознава, поддржува и создава можности за луѓето да го достигнат својот потенцијал. За мене, тоа е најголемата вредност на ова признание, потврда дека кога знаењето, упорноста и вистинската средина ќе се спојат, потенцијалот навистина станува реалност.

Еднакви.мк: Во неколку ваши јавни настапи велите дека никој не успева сам и дека менторите оставиле силен печат врз вашиот живот. Кој совет што сте го добиле најмногу ве променил и денес им го пренесувате на другите?

Љупка Вртева: Искрено, не би можела да издвојам еден совет што најмногу ме променил, затоа што моите ментори не ме обликуваа со зборови, туку со своите постапки. Не ми делеа животни лекции, туку ми даваа доверба, можности, поддршка и пример како се станува подобар човек и подобар професионалец.

Секој од нив остави различен печат во мојот живот. Некој ме научи да сонувам, друг да бидам дисциплинирана и истрајна, трет ми даде самодоверба кога ми беше најпотребна, а некој друг ми отвори врата за да покажам што знам. Успехот е мозаик составен од многу луѓе кои во вистинскиот момент верувале во мене, го споделиле своето знаење и ми помогнале да растам.

Фото од приватна архива на Љупка Вртева

Токму затоа и јас се трудам да го правам истото за помладите генерации. Верувам дека најголемата вредност на еден ментор не е во тоа да ги има сите одговори, туку да препознае потенцијал, да даде доверба и да создаде можност некој друг да го достигне својот максимум. Затоа што понекогаш токму една подадена рака може да го промени нечиј живот.

Еднакви.мк: Ако денес повторно би ја започнувале својата кариера како млада инженерка, што би направиле поинаку? Дали постои одлука за која денес мислите дека можела да биде похрабра или побрза?

Љупка Вртева: Искрено, ако денес повторно би била на стартна позиција, повторно би ги донела истите одлуки. Не затоа што секоја била совршена, туку затоа што во тој момент била најдобрата што сум знаела и можела да ја донесам.

Стојам зад секоја моја одлука. Не затоа што секогаш била лесна, туку затоа што секоја ја носев искрено, врз основа на сите информации што ги имав и на она што во тој момент го чувствував дека е најдобро за мене.

Не го практикувам прашањето „што ако“. Верувам во одговорноста за сопствените избори и во тоа дека секој чекор и успешен и тежок, има своја причина и своја вредност. И ако со текот на времето сфатиме дека нешто сме пропуштиле, тоа не значи дека сме задоцниле. Верувам дека никогаш не е доцна да научиш нешто ново, да се надградиш или да започнеш ново поглавје. Сè додека имаме храброст да направиме чекор напред, секогаш постои нова можност.

Еднакви.мк: Во една Ваша објава велите дека приказните не се учат напамет, туку се живеат. Колку личните предизвици и неуспеси ве обликуваа повеќе од професионалните успеси, и што научивте од тие моменти?

Љупка Вртева: Верувам дека моите лични искуства и животни предизвици ме обликуваа многу повеќе отколку професионалните успеси. Токму тие ми помогнаа подобро да се запознаам себеси, да ги изградам своите вредности и да научам да останам доследна на нив, без разлика на околностите. Кога еднаш ќе го изградиш тој внатрешен темел, многу полесно се справуваш и со професионалните предизвици.

Во мојот живот имало многу моменти кога сум требала да одлучам по кој пат ќе продолжам, дали ќе останам доследна на она во што верувам, дали ќе имам храброст да започнам одново или ќе дозволам околностите да ја одредат мојата насока. Секогаш сум се трудела да бидам верна на себе, на своите принципи и на она што во тој момент искрено сум чувствувала дека е правилно за мене. Не секогаш беше најлесниот избор, но денес знам дека беше вистинскиот. Затоа велам дека приказните не се учат напамет, туку се живеат. Не сме тоа што ни се случува, туку изборите што ги правиме секој ден.

Еднакви.мк: Иако денес сте препознаени како успешна инженерка и лидерка, инженерството сè уште важи за професија во која жените се помалку застапени. Што би им порачале на девојките кои се двоумат дали да изберат STEM кариера затоа што мислат дека „не е за нив“?

Љупка Вртева: Најголемата грешка е однапред да се откажеш од нешто само затоа што мислиш дека не е за тебе или затоа што не гледаш некој сличен на себе што веќе го направил тој чекор. Тоа што денес немаш пример околу себе, не значи дека утре токму ти нема да бидеш пример за некого.

Никогаш не дозволувај туѓите стравови, предрасуди или очекувања да станат твоја граница. Наместо тоа, запрашај се само едно: „Дали јас навистина го сакам ова?“

Фото од приватна архива на Љупка Вртева

Ако одговорот е „да“, имај храброст да тргнеш по тој пат. А кога веќе ќе го избереш својот пат, посвети му се целосно. Не барај потврда од другите. Нека твоето знаење, твојата работа и резултатите што ги постигнуваш зборуваат за тебе.

Еднакви.мк: Ако денес можете да ѝ испратите една порака на Љупка од 18 години – девојката што допрва го избира својот животен пат – што би ѝ кажале во една или две реченици?

Љупка Вртева: Само би ѝ кажала дека постои една идна Љупка која верува во неа исто толку силно колку што таа верува во себе. И мислам дека тоа би ѝ било доволно.