Независните организаторки на кампањата #СегаКажувам #TaniTregoj ве повикуваат доколку имате своја или блиска приказна за сексуална злоупотреба или принуда од позиција на моќ и сакате да ја споделите, да го направите со овие хаштагови. Оваа иницијатива е организирана од неколку поединечни активистки, но е поддржана и од независната иницијатива „Бори се женски“.
Ова се само дел од искуствата раскажани со хаштагот:
„Де бе колешке. Па сликата ни кажува дека жените се најдобри разузнавачи, преку кревет до сите информации можат да дојдат.““
„Имам другарка која пред петанесетина години неколку пати мораше да биде хоспитализирана на психијатриски оддел. Кога ја посетував, настојувавме да зборуваме за нешта надвор од болницата и за тоа колку ќе биде подобро кога ќе заврши лекувањето.
При крајот на една средба, шепотејќи ми раскажа дека секогаш кога е на дежурство, еден член на персоналот и се потпикнува во болничкиот кревет среде ноќ. И „објаснувал“ дека е за да ја „освежи“ малку.
Јас #СегаКажувам дека се’ уште ме прогонува прашањето колку често се случува ваква грозна злоупотреба и како би завршило пријавувањето на надлежни институции и постапувањето на надлежните органи.“
„Додека студирав, еден професор, уште во прва година, ме канеше во својот кабинет, ми ветуваше дека ќе ме ангажира како демонстраторка, само доколку дојдам еден викенд надвор од Скопје со него. За мене испитот го закажа во недела, па од страв морав да одам со мајка ми. Утредента ми се јави на телефон и побара конече одговор за заедничкиот викенд. Собрав храброст, реков НЕ и тогаш тој ми рече: епа тогаш дај ми ја мајка ти на телефон можеби таа ќе сака. Се доверив на една професорка од истиот факултет, а таа ми рече- остај тоа, батали, на сите така прави, и онака сега ќе оди во пензија.“
„Во средно, имавме професор кој ги стануваше на табла девојчињата со облини. Додека беа на табла, зјапаше во нив. На една од екскурзиите, заплени ласер од машките и им светеше на девојчињата во интимните делови. На девојчињата кои одеа на натпревари им кажуваше недолични “шеги” и ги викаше во кабинетот за подготовки. Ученичките зборуваа за тоа дека не се чувствувале сигурно во негово присуство. Кога одевме на неговите часови, се облекувавме во широки алишта, покриени до гуша.“
„Пред околу 10ина години, на моја пријателка, штотуку дипломирана со највисоки пофалби, и’ беше понуден професионален ангажман од повеќе од двојно постар човек, професор-доктор, признат авторитет во професијата, познајник на нејзиното семејство.
Човекот заборави да ги земе потребните материјали кога беше договорено, па ја замоли на кратко да помине до кај дома него по работа, за да ги земе. Одеднаш, додека во неговата дневна соба разговараа за нејзините идни академски планови тој сосем ненадејно ја зграпчи за рамена и почна да ја бакнува. Женава се стаписа, почна да се брани и да го турка, и да му кажува дека е недоразбирање, цело време персирајќи му. За неколку мига избега од кај него. Не прозборе за случката сметајќи дека сама е виновна затоа што порано не ги сфатила намерите. За професионалниот ангажман, нормално, веќе не стана ни збор.“
„Имам пријателка која никогаш не ја заврши својата мастер теза. Менторот, на неколку наврати ја викаше во канцеларија за да и каже колку има се’ во животот, уште жена немал. Потоа се дрзна пријателски да ја гушка и “случајно“ да ја допира. Таа заврши демотивирана и без амбиција да го продолжи истражувањето.“
„Уредник на влијателна македонска ТВ, пред 10тина години во посета на Брисел со премиерот. Сите сме во хотелското лоби по средбите. Ми вели дека има некои важни документи за мене ама уморен е, па ако може да се качам до соба да ми ги предаде, да не мора да се симнува потоа. Стигам на спрат, но останувам во ходникот, мислејќи дека само ќе ми ги предаде. Отвара врата и насилно ме влече во соба. Наплив на адреналин од страв, успевам да го избуткам и да избегам. Кусо потоа дадов отказ.“
„Во основно. Екскурзија низ Македонија. Една соученичка ни раскажува дека наставникот по математика ја повикал во својата соба и ја терал да прави невкусни работи.
Тоа ни беше омилениот наставник. Тој не би можел да направи такво нешто. Иако знаевме дека кога таа е пред табла знае да ја гледа чудно. (беше полово поразвиена од останатите девојчиња). Под влијание на најпопуларните (и најблиските со наставникот) соученички сложно решивме дека не можеме тоа да го прифатиме како вистина и ја решивме дека мора да лаже и сака да му наштети. Многу подоцна разбрав дека наставникот бил пријавен, но во недостаток на докази ослободен. Девојката и семејството се преселија во Германија. По многу години разбрав дека истиот тој наставник бил посочен и од друга ученичка, но не ја знам завршницата. Тогаш сфатив колку е големо влијанието и моќта на мажите во општеството. Никогаш повеќе не ја ставив под знак прашање приказната на некоја жена за сексуално вознемирување од некој за кој сите мислат дека е супер човек. Но знам дека општеството сеуште го прави тоа“
Најнови коментари