Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Мерита Исмајљи Марку.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Мерита Исмајљи Марку: Животот е патување со многу станици на тој пат. Сите тие станици, среќни или болни се пресвртници кои оставаат траг; секое искуство е чекор понатаму во патувањето наречено живот. Студирање медицина во Загреб, живот во Скопје поради љубов, оставање цел живот и заминување во Барселона. И еве ме денеска – кога за сите пресвртници можам да кажам – вредеше!
Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?
Мерита Исмајљи Марку: Храброст да побегнеме од комформизмот кој не гуши.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Мерита Исмајли Марку: Најдобар совет е добар пример. Бидете инспиративна особа, со позитивен став, упорни и посветени. Некој сигурно чекори позади Вас, затоа бидете несебични во давањето.
Еднакви.мк: Што би им порачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Мерита Исмајљи Марку: Едукација. Поголеми задолжителни квоти за жените во креирање на политиките во нашата земја. Без учество на жените во сите сфери на животот нема здраво општество и просперитет.
Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени кои сè уште се несигурни во себе?
Мерита Исмајљи Марку: Изворот на сигурноста е семејството и воспитувањето за развивање на храбра и сигурна жена. И не заборавајте: Вашиот ум е Вашиот најмоќен атрибут, физичката убавина е секундарна. Учете, читајте, бидете љубопитни.
Најнови коментари