Интервјуа

Конкурс за упис на студенти на постдипломски студии за Родови студии на ИОХН Скопје, 2019/2020

Д-р Ана Блажева е научен соработник-доцент при Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје. Има дипломирано психологија, а потоа магистрирано на социологија и родови студии и е доктор по студии на култура. 

Еднакви.мк: Д-р Ана, во рамките на Институтот нудите постдипломски студии по Родови студии.  Кажете ни нешто повеќе за содржината која имаат можност да ја изучат студентите кои се запишани или се заинтересирани да се запишат на вашиот Институт?

Д-р Блажева: Родовите студии се изучуваат како интердисиплинарна област која вклучува знаења и приоди од повеќе области – филозофија, социологија, историја, психологија, политички науки итн.  Како обединувачкиот механизам на оваа интердисциплинарна студиска програма се користат знаењата од современата политичка теорија и филозофија, покрај задолжителните предмети епистемологија и методологија. Потоа се изучува и психоаналитичката теорија, постструктуралистичките теории на идентитетот и семиолошко-семиотичките подрачја. Во рамки на студиите се изучуваат и истражуваат моделите на патријархатот, родовата нееднаквост и пристапи кои се залагаат за поголема родова еднаквост. Во таа насока студиите нудат широки теориски знаења но истовремено поттикнуваат на применети истражувања во полето на родовите прашања и родовите политики. Целта е студентите да добијат и практични знаења и вештини што ќе може да ги примнат во својата работа во било која област и сектор, на начин што ќе придонесе за унапредување на родовата еднаквост.

Еднакви.мк: Во моментов е активен огласот за уписите, кога точно се вашите рокови за пријавување и кои се ваши предавачи?

Д-р Блажева: Првиот уписен рок е од 10 јуни до 15 јули 2019 а во наставниот кадар се: Проф. Дона Колар-Панов, Проф. Катерина Колозова, Проф. Маја Мухиќ, Проф. Сенка Анастасова, Проф. Викторија Боровска, Доц. Бранимир Јовановиќ, Доц. Гордан Георгиев, Доц. Ана Блажева, Проф. Калина Лечевска, Доц. Елизабета Баковска, Доц. Ристо Карајков, Доц. Ирена Цветковиќ и др.

Повеќе информации за програмата, задолжителните и изборните предмети како и условите за запишување може да се погледнат на следниов линк  

Еднакви.мк: Со оглед на вашата академско и професионално  образование , дали би можеле да ја процените моменталната ситуација во врска со родовите еднаквости во нашето општество во споредба со поразвиените земји во Европа. Како нашата држава плива во овие води?

 Д-р Блажева: Во Македонија постои правна рамка што овозможува родова еднаквост но тоа не се одразува целосно во стварноста. Силните влијанија на патријархатот и традиционалните вредности се најсилната пречка кон остварувањето на еднаквите права и справување со нееднаквите можности за жените во однос на мажите. Првиот чекор кон заложбите за родова еднаквост е свесност за постоење на нееднаквоста. За ова е потребно вклучување на родовите прашања и проблематика во сите степени на образование, а во институциите проширување на знаењата за вклучување на овие прашања во политиките што се развиваат и спроведуваат. Дополнително потребна е силна поддршка за граѓанските организации што работат на ова поле за да можат да придонесат кон целите за постигнување на родова еднаквост.