Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство од 11.5.2011 година, позната како Истанбулска Конвенција, претставува најзначајниот меѓународен документ за борбата со семејното насилство. Истанбулската конвенција е првиот сеопфатен инструмент на европско ниво кој се однесува на насилството врз жените. Конвенцијата досега е потпишана од 29 земји членки на Советот на Европа, а ратификувана од 13. Македонија ја потпиша Конвенцијата на 08.07.2011, но сè уште ја нема ратификувано. На регинално ниво, Македонија и Хрватска се единствените земји во регионот кои сè уште не ја ратификувале Конвенцијата.
Дефинициите во Конвенцијата
Она што е значајно во Конвенцијата е што во неа насилството врз жените се дефинира како „кршење на човековите права“, а домашното насилство ги означува „сите акти на физичко, сексуално, психичко односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството“.
Поконкретно, во Конвенцијата „насилството врз жените“ се разбира како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или до страдање на жените, вклучувајќи ги и заканите за такви акти, изнудување или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот.
„Домашно насилство“, пак, ги означува сите акти на физичко, сексуално, психичко односно економско насилство што се случуваат во рамките на семејството или домаќинството, односно меѓу поранешни или сегашни сопружници или партнери, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не.
Поимот „род“ ги означува општествено конструираните улоги, однесувања, активности и атрибути што дадено општество ги смета за соодветни за жените и за мажите. „Родово засновано насилство врз жените“ означува насилство насочено против жената затоа што е жена или коешто несразмерно ја погаѓа, а поимот „жени“ ги вклучува и девојчињата на возраст под осумнаесет години.„Жртва“ е секое физичко лице кое е изложено на однесувањето наведено во дефинициите за насилство врз жените и родово насилство.
Најнови коментари