Општо

Челзи Фаир – светулка во мракот

Една млада девојка со големо срце го најде начинот да ги расположи другите деца кои се затворени дома за време на пандемијата.

Челзи Фаир, 10-годишно девојче од Данбери, Конектикат, испрати повеќе од 1.500 пакетчиња со уметнички комплети за децата во засолништа за бездомници и во згрижувачки домови, за да им овозможи да прават нешто кога нема да се чувствуваат добро.

Комплетите – кои вклучуваат маркери, креони, хартија,  боенки,  моливи и пенкала во боја  – се испраќаат во училиштата и засолништата низ целата земја, како дел од добротворната организација “Челзи”, организација основана од Челзи и нејзините родители.

„Уште кога имаше седум години, таа ме молеше мене и нејзиниот татко да започнеме добротворно друштво“, вели Кендис Фаир – мајката на Челзи, за Си-Ен-Ен.

„Таа беше толку упорна, на секои неколку месеци ќе прашаше: “Дали ќе ја започнеме добротворната организација на Челзи? Кога наполни 10 години, повторно нè праша и ние решивме дека е време да го сториме тоа“.  Во шесто одделение ја започна првата добротворна акција,  на нејзиниот роденден во август 2019 година, кога таа побара од гостите на забавата да донираат уметнички материјали, наместо подароци за роденден. По нејзината роденденската забава, Челзи ги искористила донациите за да ги испрати првите 40 уметнички комплети во засолниште за бездомници во Њујорк. Потоа, семејството постави список со желби на страницата Амазон, каде секој може да донира материјали за уметност. Секој пат кога ќе добиеле доволно донации, ги пакувале комплетите и им ги доставувале лично на децата.

За само пет месеци, Челзи и нејзината мајка испратиле скоро 1.000 комплети на деца во засолништа за бездомници, згрижувачки домови, засолништа за жени и училишта каде што имало  насилство со оружје.

Пред пандемијата, Челзи била во можност да патува со мајка ѝ низ целата земја за да ги запознае децата лично, па дури и да им даде некои од нејзините омилени совети за цртање. Сега, училиштата се затворени и не дозволуваат Челзи физички да комуницира со децата. Наместо тоа, таа и нејзината мајка ги праќаат комплетите по пошта. Од март, кога училиштата почнаа да се затвораат, семејството испрати над 1.500 комплети до училиштата, засолништата и згрижувачките домови во 12 држави низ САД.

„Се чувствувам добро со тоа што знам колку се среќни децата кога ќе ги добијат уметничките комплети“, изјави Челзи за Си-Ен-Ен. “Пораснав како добра личност заради ова. Сега мојот сон е да го сретнам секое дете на светот и да му/ѝ подарам вакво пакетче. Кој знае, можеби ако го сториме тоа и тогаш нашите деца ќе го прават тоа и ќе имаме светски мир! “

Кога Челзи имала 8 години, таа го изгубила својот инструктор по пливање, за кој вели дека ѝ бил како семејство. Тој бил убиен со оружје додека пливал. Тоа бил моментот кога уметноста ѝ станала хоби на Челси до нејзината терапија.

Знаејќи дека другите деца, исто така, поминале низ трауми, Челзи се инспирирала да помогне уметноста да биде подостапна, за да им помогне на другите да се справат со нивните чувства.

„Арт-терапијата се пропишува многу повеќе за да се поддржи менталното здравје на малите деца, особено оние со социјални и емоционални недостатоци“, вели Фаир, која е професор за рано детско образование и поранешен учител, за Си-Ен-Ен. „Сега со Ковид-19, многу деца во засолништа, а исто така и деца во згрижувачки домови можеби немаат пристап до вакви материјали што обично ги имаат во училиште.

Со стресот на глобалната пандемија и карантинот низ целата земја, поважно е од кога и да било да се осигурате дека децата имаат начини да се справат со емоциите кои доаѓаат поради денешната нова реалност. За децата во веќе стресни ситуации како што е бездомноста, ова може да биде уште потешко.

Една од организациите што добила уметнички комплети од Челзи е  James Storehouse, непрофитна организација што згрижува деца под мотото „од креветчиња до факултет“.

„Кога детето или младата личност доаѓа тука, обично нема свои лични работи“, рече Стејси Девит, извршна директорка на James Storehouse за Си-Ен-Ен. „Одлично беше да се понудат уметнички комплети, така што децата и младите имаат креативен излез да ги изразат своите емоции за време на овој трауматичен период во нивните животи“. Таа вели дека комплетите биле фантастични.”Тоа им дава на децата и на тинејџерите забавен креативен излез да ја канализираат својата енергија затоа што тие не можат да бидат во училницата во моментов. Комплетите на Челзи беа благослов за многу деца кои се наоѓаат во тешка состојба и им донесе радост”.

Иако можеби ќе потрае малку подолго за комплетите да стигнат до секое дете во светот, благодарение на љубезноста на Челси, илјадници деца низ целата земја имаат барем една причина да се насмевнат.