Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Ирина Христова

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Ирина Христова.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Ирина Христова: Има моменти и момент 😊. Секој на свој начин влијаел во животот. Секако раѓањето на првото дете е момент на пресврт во животот. Сѐ се менува, не постоиме само ние, или јас. Сепак би одвоила два момента кои ми го сменија животот, можеби за 360 степени,

Момент 1: Здравствените проблеми на моето второ дете, кога тоа имаше 2 години и кога животот преку ноќ се менува. И годините после тоа, кога постоиш само за тоа.

Момент 2: Запознавање на личности-жени, чие име и презиме можеби би требало да биде запишано тука и враќањето назад меѓу живите, многу појака, посилна и посамоуверена. Со позитивна мисла, која ете ја имам и денес 😊

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Ирина Христова: Ако тргнам од себе и од жените што ги имам околу себе, најголема потреба е дружењето. Бегањето од секојдневните обврски и проблеми, кои секако си постојат, можеби дава единица повеќе енергија. Значи бегањето од реалноста (макар и на кратко), дава мнооогу енергија, а таа ни е потребна.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Ирина Христова: Не постои нешто што насмевка и црвен кармин не може да поправи 😊. Секоја жена треба во својот свет да има по некој црвен детал, боја на усните, марама, фустан, . . . .што и да е. Женствено е и моќно.

Еднакви.мк: Што сметаш дека е твојот најголем успех? Какви ти беа препреките кон тој успех и како ги надмина?

Ирина Христова: Мој најголем успех е тоа што никогаш не се откажувам, се борам до крај и не се предавам и покрај сите препреки. А препреки има постојано. Некогаш се сопнувам, станувам, бришам коленици и продолжувам, а некогаш ги препознавам на време и со време ги заобиколувам или прерипнувам со лесно. 😊

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Ирина Христова: Гледајќи ги младите жени, по социјалните мрежи, во секојдневието, пораката би била: Убавината е во едноставноста, во насмевката, во природниот изглед, однесувањето . . . . . . .да бидат тоа што се!!!