Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Снежана Тодоровска.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Снежана Тодоровска: Многу нешта оставиле влијание, било да се тоа случувања или луѓе, кои секако влијаеле врз многу одлуки или начин на живеење. Но најголемата рпесвртница во животот беше кога ја дознавме дијагнозата на болеста на син ми, која се појави во пубертетските години, СМА – една од ретките болести. Од тој момент животот се менува за 360 степени, проследен со многу предизвици и потешкотии со кои секојдневно се соочуваме.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Снежана Тодоровска: И покрај тоа што нештата се изменети во однос на претходните години, сеуште не е доволно направено. Жените во Македонија имаат потреба да бидат посамостојни, да се стекнат со поголема самодоверба и образование, особено во руралните средини.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Снежана Тодоровска: Како совет што јас би го дала некому, а истиот сум го добила и јас од моите родители, е да бидат свои, да бидат истрајни во тоа што го сакаат и го работат. Исто така, да бидат чесни и трудољубиви и да имаат верба во Бога.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Снежана Тодоровска: Би им препорачала да се погрижат жената да добие достојно место во општеството и семејството, онаму каде што сеуште се застарени сваќањата и жената е „граѓанин од втор ред“. Да биде достапно образованието за секого.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Снежана Тодоровска: Прво, да се промени свеста за материјалните и морални вредности во животот. Второ, да се отстранат бариерите за лицата со попреченост. И трето, да се погрижат за мајките на децата со посебни потреби, да добијат надомест како помош на ионака тешката состојба поради напуштањето на своите работни места за да се грижат за своите деца 24/7.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Снежана Тодоровска: На младите жени би им препорачала да се образуваат, да имаат поголема самодоверба во себе. Да бидат чесни и трудољубиви – успехот нема да изостане.
Најнови коментари