Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Биљана Аризанкоска Ефтимова, спец. психијатарка.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Биљана Аризанкоска Ефтимова: И јас, како и сите луѓе, сум имала периоди во животот кога сум доживела и најголема среќа и најголема тага. Но, сметам дека не мора да има пресвртница во било чиј живот за да бидеме исполнети, односно не постои клучен момент кој што би не направил среќни, задоволни или успешни. Секој ден, секој доживеан успех или пораз, среќа или тага, треба да ни биде мотив за поголема успешност, креативност и способност за справување во најразлични ситуации. Секое животно доба е предизвик за напредок, секое претходно искуство ни е патоказ за идно поуспешно справување со предизвиците. Да научиме како ефикасно да ги регулираме емоциите, бидејќи тоа е од суштинско значење во нашето секојдневно функционирање.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Биљана Аризанкоска Ефтимова: Сите жени, не само во нашата држава туку и во многу поразвиени општества, имаат голем број на потреби. Би ги издвоила најважните: рамноправност, независност, поддршка, одлучност, време за себе. Рамноправност во секој дел од општественото живеење. Поголемо учество на жените во процесите на планирање и одлучување. Поддршката е нешто што и е потребно на секоја жена. Таа најпрво доаѓа од семејството (партнерот, децата, родителите), пријателите, општеството. Жената која ја има потребната поддршка, успешно се реализира во сите сегменти од животот. Станува не само успешна, туку и среќна и исполнета. Во современиот свет местото на жената стана непрестајна трка со машкиот свет. Таа во својата природа е совршенство, но не само со својата надворешна убавина и благослов да дарува живот, туку и за супериорноста во општеството.
Во оваа трка на жената и престојат многу предизвици, но и препреки, кои само таа успева да ги совлада. Жената со својата умешност покрај наметнатите професионални ангажмани, кариерни успеси и семејни улоги, не секогаш успева да се заштити. Често сум сведок на жени кои „тивко страдаат“, кои се преморени, тажни, понекогаш изгубени. Но, мала поддршка, разбирање и подадена рака, повторно ги издигнува во своето совршенство. Од аспект на психијатар, знам колку е важна емоционалната благосостојба на жената во градењето силни, сигурни и исполнети деца кои цврсто ќе чекорат во животот, а во исто време ќе придонесат за развој на општеството.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Биљана Аризанкоска Ефтимова: Не би можела да издвојам најважен совет. Секој совет е подеднакво важен, бидејќи корелира со ситуацијата во која во која се наоѓа личноста. Најчесто ги советувам да бидат храбри во одлуките, да се почитуваат себе си, да бидат свои, но и флексибилни и мудри во ставовите.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Биљана Аризанкоска Ефтимова: Овде има многу што да се каже. Сепак, би издвоила неколку суштински моменти за подобрување на животот и статусот на жената. Најпрво, би рекла дека при носењето на било каква одлука за подобрување на животот, носителите на одлуки треба да ги слушнат потребите и приоритетите на своите граѓани. Властите треба да создаваат услови за еднакви можности, еднаков пристап и еднакви придобивки од користење на истите, почитувајќи ги принципите на еднаквост и недискриминација. Би почнала со мерки за сузбивање на родово базирано насилство. Да се превенира насилство на жени и девојчиња. Да се обезбеди ефикасна заштита на жртвата, најстрого да се казнат сторителите на насилство. Мерки за сузбивање на врсничко насилство во училиштата, поголема информираност на учениците преку обезбедување информативно-образовни содржини за врсничко насилство, со цел превенција и подигнување на свеста за последиците од истото. Подобрување на животот на жените во руралните средини. Мерки за усогласување на семејниот и професионалниот живот на жената. Мислам на обезбедување флексибилно работно време, со што ќе им се обезбеди на вработените жени можност за градење на успешна кариера и достоен семеен живот.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Биљана Аризанкоска Ефтимова: Ќе почнам од она што сметам дека е основа за понатамошно успешно функционирање на една индивидуа во понатамошниот живот, а тоа е образованието. Би го променила образовниот систем – во смисла на враќање на почитта едни кон други (односот наставник-ученик, наставник-родител, ученик –ученик), како и воспитниот дел. Најголемиот дел од своето време учениците го поминуваат во училишните клупи и од особена важност е тоа време да биде квалитетно исполнето, со сите важни воспитно-образовни аспекти. Втора работа за која особено сакам да допринесам е почитување на различностите. Во денешно време кога светот оди напред и се случуваат интензивни промени, би го нагласила моментот дека сите имаме место под Сонцето и треба меѓусебно да се почитуваме и учиме едни од други. И како трето, а не помалку важно за мене, бидејќи секојдневно сум сведок од негативните ефекти од прекумерната употреба на екраните, доколку би можела, би го намалила максимално времето кое го поминуваме пред електронските уреди, особено децата и младите. Да научиме дека технологијата е онаа која треба да ни служи, да ги искористиме позитивните ефекти од брзиот напредок на технологијата, а не обратно. Да не бидеме нејзини робови, како би можеле да се вратиме на основните животни потреби и вистински вредности.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Биљана Аризанкоска Ефтимова: Да се потрудиме да бидеме секој ден најдобрата верзија од себе. Не откажувајте се, никогаш не е доцна да ги следите вашите соништа! Радувајте се на малите нешта, тие го прават животот убав. Пред нас е Нова Година, Нов Почеток, Нова Надеж. Да останеме во добро здравје и со добра мисла!
Најнови коментари