Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Анжелика Колева, сопственичка на Анжелика Арт.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Најголема пресвртница или влијание во мојот живот беше моментот кога моите деца станаа доволно возрасни и јас се посветив максимално на мојата кариера и творењето во уметноста. Не дека и предходно не го работев тоа, но приоритет ми беше мајчинството, сепак во мојата струка можев да си дозволам да бидам насекаде. Но секако тоа беше пресврт да целосно се посветам на работата во која што уживам, ме исполнува и ја љубам. И комплетно сум посветена на тоа што го работам.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
За жените во Македонија мислам дека голем дел од нив немаат самодоверба, која што им е многу потребна. Секако дека треба и поддршка од семејството,државата, опкружувањето итн. Но сепак најпотребно е тие самите да се изборат за сето тоа,малку повеќе да веруваат во себе и своите квалитети.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Секому го давам истиот совет. Љубете, творете, бидете хумани…и ќе бидете исполнети. На жените: Не заборавајте да бидете жени.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
На одлучувачите би им препорачала да ги сослушаат жените што тие имаат да кажат. Да ги поттикнат да имаат повеќе самодоверба. Да веруваат дека тие можат да се дадат себеси во општеството рамноправно. Да се чуствуваат корисно. Да бидат поттикнати да ги кажат гласно своите цели, па и да им се помогне во тоа ако е потребно. Само така може да се чуствуваме посилни од тоа што сме.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Би елиминирала секакво зло. Би го уништила секое оружје. Би ги нахранила гладните, да нема такви. И кога овие три работи не би постоеле ќе царува љубовта и хармонијата.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
На младите жени кои се чуствуваат несигурни во себе би им препорачала да не живеат во стравови дека се неспособни да ја остварат својата цел, туку цврсто да зачекорат кон неа со крената глава. Тоа значи упорност и само упорност. Сигурни во себе за да бидат приметени. Да љубат за да бидат љубени. Хумани, за да бидат духовно возвишени…И успехот и самодовербата сами ќе си дојдат.
Најнови коментари