Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Наташа Андрееска, Одговорна уредничка на Првиот програмски сервис на Македонското радио-Радио Скопје.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Како интересен момент би го издвоила периодот кога бев примена на Универзитетот во Москва, Ломоносов на студии по журналистика, но приоритетот сепак тогаш го ставив на семејството, останав во Скопје, завршив студии по новинарство на Универзитетот Св.Кирил и Методиј и отогаш се редеа нештата.Работа во медиум, формирање на семејство, напредок во кариерата и навлегување во новата димензија на животот. Ја издадов книгата *Тука околу нас* во 2012 год и се открив и како писателка. Сега завршувам уште една книга која треба да излезе од печат наредниот месец. Превземањето на функцијата, Одговорен уредник на Македонското Радио, Радио Скопје беше уште еден посебен предизвик за мене што го прифатив со задоволство, за да богатото 30-годишно искуство во овој медиум како и визијата за слушано радио се обидам да ја остварам и да ја реализирам во рамките на даденото преку програмата.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Споменувањето на еднаквата родова застапеност во општеството звучи како клише. Ќе ја споменам, но и покрај позитивните промени на оваа тема, не смее да се престане да се „бориме“ за неа. Во светот па и кај нас, жените ги рушат табуата на минатото и се повеќе покрај мајки и сопруги, се докажуваат како успешни менаџерки и државни лидери. Нивната енергија плени и инспирира бројни млади девојки храбро да чекорат кон остварување на своите соништа оставајќи ги „домаќинските“ стереотипи зад нив. Како што рекла Мерлин Монро: Жените кои бараат да бидат рамноправни со мажите имаат недостаток на амбиција.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Изминатава година имаше многу промени не само кај мене, туку кај многу луѓе не само кај нас, туку и низ целиот свет. Всушност, космосот ни покажа дека ако ја намалиме динамиката на турболентното секојдневие, ќе почнеме да уживаме во работите кои од секогаш биле тука околу нас, но едноставно не сме ги забележувале и биле во можност да уживаме во нив. Задоволството од прочитаната книга која со месеци стоела во домашната библиотека, филмска ноќ во кругот на најблиските, надокнадување на епизодите од омилената серија и бесценетите моменти минати во кругот на семејството, едноставно ни покажаа колку малку е потребно за да бидеме навистина исполнети и среќни. Во овој период советувам драги мои, да ги пронајдете едноставните работи кои ве прават среќни и максимално да уживате во нив.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Како приоритет би го издвоила сузбивањето на полово-базираното насилство на кое сме за жал често сведоци. Патријахалните општества каде мажите доминираат над жената, само поради тоа што се мажи да останат во минатото и преку стратегија на идентификување на предизвиците и проблемите со кои се соочува жената да се прават промени во насока на рамноправно имплементирање на жената во современто општество. Изразувањето на подршката на жените преку измени во политиките, законите и општите пракси треба да бидат цел од програмата на секоја владејачка структура. Поставувањето на баланс на ова поле резултира со модерна и стабилна европска држава, каква што би сакала да ја видам Македонија.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Па прво, би го посакала она што верувам многу од нас го посакуваат, а тоа е враќање на нормалните услови за живеење кои ги имавме пред 2020-та. „Новото нормално“ живеење кое константно не тера да се одвоиме едни од други е комплетно спротивно од основната социјална потреба на човекот.
Неминовно е да се спомене дека политиката е канцерогено застапена во нашето општеството.
Вестите врзани за политички случувања комплетно би ги заменила со забавна и едукативна радио програма. Затоа слушајте радио.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
На младите жени и девојки би им го препорачала она што би му го препорачала на секој млад човек. Стравот е илузија и најчесто најголема пречка да се реализирамесамите себеси и тоа што го посакуваме и замислуваме. Храброста од друга страна, нешто да започнеме е едноставна одлука со која може да се постигне и достигне се што ќе се замисли и осмисли.
Животот е полн со предизвици, од едуцирањето до првото вработување па се до формирањето на своето семејство. На крајот сваќаме дека задоволството и авантурата во животот е самото патување низ него. Затоа започнете да чекорите напред бидејќи тоа е секогаш вистинската одлука.
Најнови коментари