Билјана Маневска, родена 1980 г. Доктор по Стоматологија, средно образование завршува 1998 г. во средно медицинско училиште, отсек забни техничари во Тетово. Дипломира на Стоматолошки факултет при Универзитет Кирил и Методиј во Скопје 2005г. Првите пет години од својот работен стаж е вработена како Доктор по општа стоматологијата во ПЗУ Тренд- ординација по општа Стоматологија во Скопје. Од 2010 година работи во сопствена ординација по општа Стоматологија Dental Cosmetic Studio. Омажена е, мајка на две деца на возраст 1 и 4 години, и е специјализант на катедрата по Ортодонција, на Стоматолошки факултет во Скопје.
Еднакви.мк: Вие ја основавте и ја раководите Ординацијата по општа Стоматологија Dental Cosmetic Studio. Што Ви беше најголемиот поттик да започнете сопствен бизнис и колку беше тешко да се донесе таква одлука?
Билјана Маневска: Јас сум ко- основач, ординацијата ја отворивме заедно со сопругот кој е исто Стоматолог, Специјалист по Орална Хирургија.
Искрено на ординацијата никогаш не сум гледала како на бизнис, туку како остварување на сонот. А акo не работиш на својот сон некој друг ќе те вработи да го градиш неговиот.
Еднакви.мк: Дали имавте (имате) моменти на колебање и пречки и како се справувате со нив?
Билјана Маневска: Не би рекла дека имало големи пречки, освен административниот момент при отворањето на ординацијата, што подолго траеше. А колебањето и вољата се обратно пропорционални, така да кога човек има силна воља нема многу простор за колебање. Јас сум искрен вљубеник во својата професија, па успешно завршена работа, смирена болка, вратена самодоверба, искрена благодарност и насмевка од пациент се нештата што ми ги убиваат сите колебања, дури и да се појават.
Еднакви.мк: Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате, имајќи во предвид дека истовремено сте и мајка и сопруга и успешна во професијата?
Билјана Маневска: Предизвикот е огромен, да бидам успешна истовремено и независно во сите тие улоги. За среќа не е неостварливо, иако во одредени периоди знае да биде тешко и напорно. Тој предизвик е мозаик од многу помали предизвици. Времето, слободното и работното, во мојата работа никогаш не е фиксно. И предизвик е да се биде посветена мајка и посветена докторка (особено во приватен сектор) а ниту децата, семејството ниту пациентите да не се запоставени, и да не им е ускратено времето и вниманието од мене. Предизвик е да се биде во постојан тек со новините во струката, бидејќи во мојата струка учењето не завршува на факултет, се трудам да ги следам стручните усовршувања (конгреси, курсеви, симпозиуми, некои во Македонија, некои се надвор од неа) постојано има нови техники што сакам да ги научам, нови материјали што сакам да ги користам, нови книги што вреди да ги прочитам, реномирани имиња од струката чие предавање сакам да го слушнам. А од друга страна се сметам себе си и за посветена мајка и никогаш не дозволувам напорната работа да ме оддалечи од семејството. Време за игри, разговори, детски лудории секогаш имам и по најнапорниот ден.
Еднакви.мк: Како се справувате со тие предизвици?
Билјана Маневска: Да се има и семејство и кариера истовремено мислам дека е предност! Семејството во кое многу вложувам истовремено ми дава сила сѐ да успеам. Имам среќа што сопругот истовремено ми е и колега, па најголемото разбирање, поддршка и помош ги добивам од него. Поширокото семејство (баби и дедовци) ми е од голема помош, и ми дава поттик за нови успеси. И на крај, но најважни, вечен приоритет, насмевките на моите деца ми се најголем стимуланс да работам повеќе и подобро, а кога се враќам од работа нивните прегратки се лекот за секој замор и седатив за секој стрес.
Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени?
Билјана Маневска: Би им порачала без никаков страв и компромиси да си го реализираат сонот, приватен и професионален. Можеби е напорно но поубаво е да се живее сонот одколку вечно да се сонува. Тие жени што “играат” во комфорна зона, вечно таму и остануваат. Никогаш нема да прејдат на страната на суперхерои! А да се биде успешна мајка, сопруга, докторка/ професионалка е баш тоа, да се биде суперхерој.
Најнови коментари