Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Ивана Рамаданова, новинарка и презентерка.
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Ивана Рамаданова: Борбата и соочувањето со животни предизвици и препреки секојдневно прават некакви пресвртници во мојот живот. Најголемо влијание имаат моментите кога го добив чувството на слобода и самостојност. Благодарна сум што денес имам можност да го работам тоа што го сакам и што можам да го кажам сето она за кое што сметам дека е исправно, без да се плашам. Морам да напоменам дека големо влијание има и љубовта која ми се роди кон велосипедизмот, планинарењето, па дури и кон летањето со параглајдер иако претходно имав огромен страв од височина. Соочувањето со сопствените стравови и пронаоѓањето на душевниот мир е најголемата прествртница во животот.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Ивана Рамаданова: И покрај фактот дека живееме во 21 век, за жал жената и понатаму во општеството се претставува сексистички и се објективизира. Жените денеска мора повеќе да се борат против таа неправда. Жените во јавноста мораат да го искажат и изнесат сето она што им пречи, а се однесува на таа нерамноправност. Воедно, сметам дека е потребно што поголемо поттикнување на жртвите да бараат поефикасна заштита од системот, а системот истата да ја пружи адекватно.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?
Ивана Рамаданова: Немој да се плашите да ги отстраните токсичните луѓе. Тие немаат место во вашата иднина.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?
Ивана Рамаданова: Потребно е подигнување на свеста кај жените за поактивно вклучување во програмите за вработување за да се надмине родовиот дисбаланс на пазарот на труд. Заштита на жените во општеството, бидејќи без отстранување на дискриминацијата и насилството, нема родова рамноправност. Меѓутоа сметам дека покрај подобрувањето на статусот на жената во македонското општество, потребно е и мажот да се еманципира.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Ивана Рамаданова: Штета што не се повеќе од три☺ Она што би го променила е дефинитивно односот на луѓето кон природата. Секојдневно сме сведоци на изумирањето на растителните и животинските видови до кои доаѓа поради негативното влијание на човекот врз природата. Воедно, сликите со ѓубре насекаде низ земјава може да се видат се почесто. Малкумина се оние што своето ѓубре го собираат во ќесе и го фрлаат во канта за отпадоци. Втора работа што би ја променила е образовниот систем. За жал се чини дека сето она што образованието го нуди предизвикува голема штета врз новите генерации. И третата работа која дефинитивно би ја променила е искоренувањето на омразата, злобата и говорот на омраза во општеството. Имаме недостик на емпатија, кое пак претставува корен на зло. Сметам дека сериозно треба да се работи за да се согледаат причините за тоа.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?
Жените без разлика на проблемот кој го имаат, мора да продолжат да бидат гласни, да протестираат. Некогаш можеби ќе мора да применат и граѓанска непослушност за што поголем дел од општеството ги слушнат неправдите со кои тие се соочуваат. На крајот од денот, она за што сонувате не може никој да ви го земе и цензурира. Тоа е единствената работа што е само ваша.
Најнови коментари