Интервјуа, Мој став

СЕКОЈДНЕВНИ ХЕРОИНИ – Санда Крекиќ

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Санда Крекиќ, претседателка на Либералниот институт Скопје.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Санда Крекиќ: Започнувањето со активна работа во Либералниот институт Скопје. Како либералка, за мене ангажманот во овој институт и можноста преку алатките на цивилното општество да дејствувам за промоција на либералната мисла се идеја водилка од која тргнувам секој ден. Низ сè што правам секојдневно оттогаш, гледам низ призма на она човечкото и она либералното и токму затоа ова го означува мојот своевиден „аха“ момент, момент на пресвртница.

Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?

Санда Крекиќ: На жените во Македонија им е потребна клима која ќе стимулира тие да покажат и докажат колку навистина умеат. На македонските жени им треба простор во кој и тие самите, но и мажите кои честопати се т.н. „привилегиран пол“, ќе се борат за родовите прашања. Но, исто така на жените им е потребно и да бидат тоа што тие вистински сакаат да бидат – некоја сака да гради висока кариера, некоја сака многудетно семејство, некоја сака да се бори за баланс, а  наше, како општество е само да се осигураме дека тоа е нивниот слободно направен избор.

Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Санда Крекиќ: Најважниот совет е дека никој не може да ни помогне повеќе отколку што можеме самите на себе. Битката која секој поединец ја води со себе и своите мисли е една континуирана битка и оттаму, најважното е баш она – да се чуеме длабоко себе и да не ја забораваме онаа сопствената, внатрешна интуиција.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Санда Крекиќ: Би им препорачала на луѓето кои донесуваат одлуки дека конечно треба да се согласиме дека не е во ред одлуките за конкретна група да се носат без директно присуство на таа група. Едноставно не е можно квалитетна родова политика да постои и да се води без вклученост на жените во таа дискусија. Ваката неопходност не е нечиј каприц, напротив, недоволната вклученост на жените во одлучувањето значи и недоволно вклучување на половина од населението кое тие го претставуваат во политиката и другите области.

Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?

Санда Крекиќ: Би сакала повеќе да слушаме и да се едуцираме за жени кои низ историјата придонеле за нивото на цивилизациски развој на кое сме денес. Би ја променила состојбата во која зборуваме за стереотипните сили и слабости на жените и мажите. Би ја променила сликата на заедницата и би сакала да не ни се потребни веќе квоти за да обезбедиме соодветна вклученост на млади, етникуми, жени.

Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сè уште несигурни во себе?

Санда Крекиќ: Би им препорачалада продолжат напред и да знаат дека несигурноста нема  никаква поврзаност со младоста или со тоа да се биде жена. Несигурни знаат да бидат и мажите и повозрасните и сите ние како индивидуи. Од друга страна, некои од последните случувања во нашето општество како да се обидоа да ја испратат пораката дека младоста е слабост, младоста е некомпетентност – ова е апсолутно неточно. Квалитетот не оди нужно со возраста, самодовербата не е поврзана со бројот на годините или со полот. Да продолжиме храбро да го правиме светот и натаму поубаво место за живеење и убедена сум дека сигурноста во самите нас неизбежно ќе нè следи.