Интервјуа

Соња Дракул, авторка на збирката „Низ трепетот на времето“

Денешното интервју е со Соња Дракул, авторка на збирката поезија „Низ трепетот на времето“, чија промоција ќе биде на 30.08.2022 во 19:00 во Лаунџ-бар Бис.

Еднакви.мк: Поводот за нашето интервју е претстојната промоција на Вашата збирка поезија „Низ трепетот на времето“. Ќе ни кажете ли точно за што станува збор?

Соња Дракул: Оваа стихозбирка зборува за најстарата тема -љубовта. Но зошто љубовта, бидејќи таа е движечката сила која не води низ животот, таа е болка, таа е радост, таа е надеж, копнеж, таа е трепетот во нас, со неа се раѓаме, со неа растеме, созреваме и умираме. Таа е најмоќното оружје, но сепак наспроти неа е времето кое и пркоси со својата минливост. Токму на самата насловна корица насликана е таа метафора на животот претставена преку женскиот и машкиот субјект, а меѓу нивната љубов стои Симболот на минливоста на животот-јапонската цреша, таа ги спојува, но и ги разделува. Книгата е поделана на 6 циклуси претставени преку кратки поговорки за животот и љубовта, кои не внесуваат „Низ трепетот на времето“ преку нежни емотивни стихови во кои е опеана конструктивната моќ на љубовта клучна за човековото постоење.

Еднакви.мк: Кога почнавте да пишувате и што Ве привлече кон поезијата?

Соња Дракул: Се започна уште на 6-7 годишна возраст кога научив да пишувам и читам, доека моите врсници се уште се бореа да ја совладаат азбуката и кириличното писмо јас веќе ги пишував своите први стихови и ги рецитирав гласно напамет. Најверојатно сите се раѓаме со некаков талент, за кој треба да се бориме да не биде потиснат, да работиме на него и да не се откажуваме. А можеби талентот го наследив и од мојот дедо писателот Симон Дракул чии иницијали и чие дело треба да ги продолжам, кое е воедно огромна чест и голем предизвик за мене.

Еднакви.мк: Ако треба да се опишете себеси што би кажале?

Соња Дракул: Сакам да помагам на луѓето, сакам да се смеам, да ширам позитивна енергија наоколу, но исто така сакам и да гледам среќни и насмеани лица околу мене. Ги ценам луѓето според она што го носат во душата, а не во џебот. Мразам трач, невистини и неправди, завист и злоба тоа ужасно ме нервира. Знам да се изнервирам и кога се соочувам со дискриминација на жената во поглед на нејзината професија или нешто со кое таа се занимава, кон тоа како се уште се доживува и третира во нашето општество полно со предрасуди и стереотипи. .. . . . . Тешко е за мене да сопрам на темава, ха ха ха, па ќе оставиме за некоја друга прилика.

Еднакви.мк: Како успевате да го усогласите професионалниот и приватниот живот? Има ли некоја тајна за успешност?

Соња Дракул: Денес со оглед и на мојата професија наставник, работата со деца е доста динамична, секој ден е непредвидлив, секогаш те чекаат нови предизвици и изненадувања, сето тоа бара многу енергија, а секако работата не сопира тука продолжува дома уште поинтезивно со моите три деца.. . . . . . и така весело ми е и многу исполнето време, во постојано движење, едноставно таков е мојот живот динамичен, дури 24 часа во денот понекогаш не се доволни за мене да ги завршам сите обврски ха ха ха.. . . .

Еднакви.мк: Што би им порачале на младите девојки кои се заинтересирани за пишување поезија?

Соња Дракул: Денес младината знаеме дека живее во ерата на дигитализацијата која и нас не зема во свои раце за жал, затоа се помалку се читаат книги, се помалку се негува љубовта кон пишаниот збор, се помалку се зборува и пишува на чист литературен јазик. Но затоа ние кои  растевме во едно друго време пред ова, имаме задача да го поттикнеме интересот кај младина што повеќе за поезијата, или воопшто за книгата, да ги мотивираме да читаат што повеќе и тоа пред се книги од наши автори, да дадеме поддршка на младите да пишуваат, да создаваат свои трајни дела преку кои ќе ја продолжиме и збогатиме традицијата на македонското творештво, но и на тој начин ќе си го чуваме и негуваме нашиот јазик. Се додека има млади автори без разлика на полот кои ќе  творат и пишуваат на македонски  јазик, тој  никогаш нема да биде заборавен. Затоа како дел од мојата настава во училиштето постојано ги поттикнувам моите ученици да творат, имаме наша литературна и драмска секција, каде тие пишуваат на разни теми, па потоа конкурираме на повеќе литературни конкурси во земјава, правиме проекти за наши познати автори, драматизираме и глумиме, и секако освојуваме награди, на тој начин ги бодрам и поддржувам во нивните таленти за пишување. Секако и преку оваа промоција на мојата книга сакам да ја пренесам оваа порака  до младите генерации.