Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ реализираме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Маја Атанасовска –Специјалист по интензивна нега во Аџибадем Систина
Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?
Маја Атанасовска: Mоментот кога одлучив да се запишам во средно медицинско училиште претставува пресвртница во мојот живот. Тоа беше одлука која бараше огромна храброст, но која ме доведе до мојата вистинска страст. Во текот на стручните пракси се соочив со многу тешки моменти, но истовремено сфатив дека мојата вистинска цел е да се грижам за луѓето. Мојот страв од болници заврши кога се вработив и започнав да работам во тим со прекрасни професионалци. Комуникацијата и поддршката меѓу колегите е многу важна. Работев со луѓе кои ме научија многу, како да се носам со емоционалните предизвици кои се појавуваат во текот на работата. Тоа што ми помогна најмногу беше нивната поддршка и споделувањето на искуства. Имав моменти кога се чувствував исцрпено, напорни смени и тешки дежурства, но не се премислив и не застанав на ниедна препрека. Преминав од државно во приватно здравство во 2010 година, работам скоро 28 години, а секој ден ми носи нови можности да учам, да се усовршувам и да растам како професионалец. Најважно е да се верува во себе, треба да сме упорни, да не се плашиме да направиме голем чекор, ако тој чекор води кон исполнување на посакуваната цел во животот.
Еднакви.мк: Што мислите дека им е потребно на жените во Македонија?
Маја Атанасовска: Жените во Македонија имаат потреба од поголема поддршка во професионален и семеен контекст. Потребни се различни и комплексни мерки кои ќе им помогнат да се осигураат еднакви можности, права и достоинство во сите аспекти на животот.
Некои од најважните потреби и предизвици за жените во земјава вклучуваат:
• Економска независност: Жените треба да имаат еднакви можности за вработување и пристап до економски ресурси. Поттикнување на женската претприемачка активност и поддршка на жените на пазарот на трудот е клучно за нивната економска стабилност и независност.
• Едукација и обука: Обезбедување еднакви можности за образование и професионална обука за девојчиња и жени од сите етнички и социјални слоеви, за да можат да го достигнат својот целосен потенцијал и да ја зголемат својата конкурентност на пазарот на трудот.
• Здравствена грижа: Подобрување на здравствената грижа, особено во поглед на репродуктивното здравје и менталното здравје, како и намалување на разликите во пристапот до здравствените услуги, е од големо значење за доброто на жените.
• Заштита од насилство: Строгите закони и политики кои ќе го спречат насилството врз жените, како и пружањето на поддршка за жртвите, се неопходни за заштита на жените од сите форми на насилство. Особено важно е да се создадат безбедни простори и да им се даде можност за излез од насилни ситуации.
• Равноправност и права: Потребно е да се работи на намалување на родовите стереотипи и да се промовира вистинска родова еднаквост во сите сфери на животот: домаќинства, работни места, политика и јавни институции.
Сите овие аспекти се значајни за унапредување на животот на жените.
Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што би го дале некому?
Маја Атанасовска: Ако сте тргнале на пат по сопствена желба тогаш и илјада километри ќе ви изгледаат како еден, бидејќи на крајот единственото што е важно е да бидете верни на сопствениот пат. Трудете се да живеете автентично и не се плашете да ги следите своите страсти. Животот е краток, ценете ја секоја секунда и избирајте патишта што водат до лична среќа и исполнетост, а не само да ги исполнувате очекувањата на другите.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на одлучувачите да направат за жените во земјава?
Маја Атанасовска: Би им препорачала да создадат подобри услови за работа во сите области, флексибилно работно време за мајките и подобро вреднување на трудот на жените.
Еднакви.мк: Доколку можете да промените три работи, кои би биле тие?
Маја Атанасовска: Фокусот би бил на следниве области:
• Едукативен систем – Би работела на реформата на образованието, со фокус на современи методи на настава, критичко размислување и инклузивност. Инвестиции во наставниот кадар. Едукацијата за жените, особено во руралните средини, треба да биде приоритет. Создавање на можности за секое дете, без разлика на неговиот социјален, здравствен или етнички статус да добие квалитетно образование. Младите да се подготват за предизвиците на иднината и полесно да ги достигнат своите цели.
• Здравствен систем – Би вложила во модернизација на здравствените услуги, зголемување на достапноста и квалитетот на здравствената грижа, особено би се фокусирала на рана превенција на болести, како и на подобрување на менталното здравје.
• Економска еднаквост и вработување – Би вложила во поддршка на претприемачките иницијативи, особено за жени и млади, со цел да се создадат повеќе работни места и да се стимулира економскиот раст. Работата да биде насочена кон намалување на економските разлики и обезбедување на еднакви можности за сите.
Мислам дека овие три аспекти би создале стабилен, здрав и праведен развој за сите и би го подобриле квалитетот на живот.
Еднакви.мк: Што би им препорачале на младите жени кои се сѐ уште несигурни во себе?Маја Атанасовска: На младите жени им препорачувам да не губат драгоцено време и да ги разјаснат своите приоритети. Тајната за успехот лежи во добрата организација, како и во макотрпната работа. Секој од нас има исто време – 24 часа на ден. Разликата е во тоа што точно сакаме да правиме со тоа време.
Мој совет е да инвестираат во себе – во учење, надградување на своите вештини и развој на своето знаење. Да веруваат во себе и во своите способности. Да не се срамат да побараат помош кога им е потребна, бидејќи никој не успева сам. Во оваа трка наречена живот, важно е да се потсетат на некои подзаборавени вредности: искреност, работа, наука, култура и човечност – вредности кои, за жал, стануваат се поретки во денешно време. Не подржувам брзи шеми и тактики за брзо постигнување на целите. Квалитетот секогаш ќе најде пат и ќе биде препознаен. Затоа, не се откажувајте лесно од својот сон. Да не се плашат да преземат иницијатива, да напредуваат и да се развиваат. Важно е да се опкружат со луѓе кои ги почитуваат, ги поддржуваат и ги мотивираат.
Секоја жена е уникатна и извонредна на свој начин. Жените имаат моќ да инспирираат, создаваат и трансформираат. Не е лесно да се оди напред, но вреди да се проба. Никој не успеал без труд, а исклучоци секогаш ќе постојат.
Препреки, падови и неуспеси се неизбежни, но тие не нè дефинираат – напротив, тие се основата за наш личен развој. Токму во тие моменти учиме најмногу и стануваме посилни. На тој начин, учиме да кажеме НЕ кога нешто не ни одговара, и да продолжиме уште похрабро кон нашите цели.
Затоа, важно е да бидеме свои и да веруваме во себе, бидејќи само тогаш ќе може целото општество да ја препознае нашата вредност.
Најнови коментари