Интервјуа

Др. Билјана Каровска Андоновска: Човековите права имаат непосредно влијание врз квалитетот на животот и правдата

По повод Меѓународниот ден за човекови права разговараме со Др. Билјана Каровска Андоновска, професорка по уставно право и човекови права и единствена Продеканка во новиот состав на Деканатот на Воената Академија “Генерал Михаило Апостолски”.

1. Зошто токму уставно право и човекови права?

Определбата за уставно право и човекови права е природен континуитет од мојата академска работа – од магистерскиот труд до докторската дисертација во овие научни области. Како наставни предмети кои се изучуваат во првиот циклус на студии на Воената академија, овозможуваат сеопфатно разбирање на основната архитектура на правниот и политичкиот систем, функционирањето на државниот апарат и балансирањето меѓу државната моќ и слободите и правата на граѓаните. Тоа се области што имаат непосредно влијание врз квалитетот на животот и правдата во едно општество, па затоа предавањата ги доживувам како можност да придонесам кон создавање одговорни и професионални кадри кои ги разбираат и почитуваат принципите на демократијата и владеењето на правото. Работата со питомците и студентите ми овозможува да го пренесам своето знаење за тоа како се штити човековото достоинство и како се гради правен систем што навистина им служи на граѓаните.

2. Што Ве мотивираше од успешен правник да продолжите со кариера во безбедносен сектор?

Пренесувањето на знаењето во нов контекст, кој е фундаментален за една држава и нејзината безбедност, беше мојата главна мотивација. Одбраната и безбедноста се комплексни области во кои правото има централна улога – од регулирање на надлежности, процедури и одговорности до воспоставување и одржување стабилни институции. Правото сепак остана моја основна професионална определба, а Воената академија ми овозможи да ја применам својата експертиза во средина каде што правните принципи и институционалните механизми се клучни за обезбедување на виталните интереси на државата, заштитата на граѓаните и довербата во институциите.

3. Вие сте дел и од групата што работи на имплементација на Родовиот Акцискиот план кој се спроведува од Министерството за одбрана. За што станува збор и дали има напредок на тој план?

Работната група за имплементација на Родовиот акциски план (2024-2028) фукционира врз основа на препораките од Извештајот за родова самопроценка кој ја идентификуваше организациската култура, политиките, практиките и инфраструктурата во Министерството за одбрана и Армијата со цел да утврди дали жените и мажите имаат еднакви услови, можности и одговорности во системот. Самопроценката обезбеди јасни индикатори и насоки за подобрување, вклучувајќи потреби за обука, опрема и унапредување на процесите за родова еднаквост и инклузија. Родовиот акциски план предвидува преземање конкретни активности категоризирани во пет стратешки приоритети: Зајакнување на родовата структура и свеста; Подобрување на пропорционалната родова застапеност; Унапредување на системите за превенција и заштита од вознемирување; Поддршка на усогласувањето меѓу професионалниот и приватниот живот; Подобрување на инфраструктурата и опремата според потребите на жените и мажите.

Крајната цел е унапредување на институционалната ефективност преку целосно искористување на капацитетот на целиот персонал. Фактот што извештајот за родова самопроценка е прв од ваков тип во регионот и пошироко, ја потврдува силната посветеност на Министерството и Армијата кон еднаквите можности и спроведувањето на националните и меѓународните обврски, вклучително и Резолуцијата 1325 „Жени, мир и безбедност“.

4. Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во Вашата работа?

Еден од предизвиците и истовремено одговорностите во мојата работа е потребата за градење мост меѓу теоретското знаење и комплексната реалност со која питомците ќе се соочат во својата идна офицерска професија. Дополнително, Воената академија освен што образува питомци како идни офицери за потребите на Армијата и Министерството за одбрана, нуди и образование за цивилни студенти на прв, втор и трет циклус на студии во области како кризен менаџмент, одбрана и безбедност, сајбер безбедност и дигитална форензика. Предизвик е да се објасни како основните постулати и принципи на правото функционираат во услови на хиерархија, одговорност, донесување брзи одлуки и работа во структури кои се водени од строги правила и процедури. За мене како професор е важно питомците и студентите да развијат способност да размислуваат критички и да донесуваат одлуки кои го балансираат оперативното дејствување со почитувањето на правната рамка. Ова бара континуирано приспособување на наставата, интегрирање на практични примери и сценарија, како и отворање простор за анализа на реални ситуации. На тој начин се обидувам да ги подготвам за професијата што ги очекува, каде што правото не е само апстрактен концепт, туку основа за секојдневното делување, одлучување и одговорност.

5. Што би им препорачале на младите жени кои размислуваат за кариера во безбедносен сектор?

Моја препорака до младите жени е да бидат одлучни во својата определба и да ги игнорираат предрасудите и стереотипите традиционално поврзани со местото и улогата на жените во овој сектор. Состојбите значително се менуваат во насока на балансирана родова застапеност, а Министерството за одбрана и Армијата нудат широк спектар можности, каде што знаењето, професионализмот и одговорноста се единствените вистински критериуми за вреднување. Постојат бројни успешни приказни за жени кои напредуваат во кариерата благодарение на својата посветеност во работата, независно дали тоа е во униформираниот или во цивилниот сегмент. Меѓу нив има жени кои извршуваат одговорни воени должности или раководат со значајни сектори во Министерството за одбрана. Воената академија е само еден од примерите во овој контекст, како ризница на генерации млади жени кои дипломирале тука и денес градат успешни кариери во одбранбениот систем. Дополнително, неколкуте жени во наставниот кадар на Академијата веќе се на раководни позиции, што потврдува дека просторот за успех е реален и видлив.