Вести, Општо

Историски момент за Македонија во Венецијанската комисија

Изборот на македонската професорка Рената Треневска Десковска за потпретседателка на Венецијанската комисија претставува значајно меѓународно признание – не само за личниот професионален ангажман, туку и за експертизата што Македонија ја вградува во европските демократски процеси. На 145-тата пленарна сесија на Комисијата, одржана на 12 и 13 декември во Венеција, беше направен чекор што силно ја позиционира земјата во областа на уставното право, демократијата и владеењето на правото. Професорката во својот пост ја истакна симболиката и тежината на овој избор, нагласувајќи: „Среќна сум за тоа што сум првата потпретседател/ка на Венецијанската комисија која потекнува од Македонија, но исто така и која потекнува од земја која не е членка на ЕУ, или од било која од земјите кои произлегуваат од поранешна Југославија.“ Таа дополнително посочи дека изборот го доживува како признание за нејзиниот досегашен ангажман и придонес, вклучително и учеството во изработката на 14 мислења за различни земји, кои биле едногласно усвоени на пленарните седници. Проф. д-р Рената Треневска Десковска е редовна професорка по уставно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и поранешна министерка за правда на Република Македонија. Таа е меѓународно призната експертка во областа на уставното право, изборното законодавство, демократијата и владеењето на правото. Нејзината работа е препознаена и ценета во европските и меѓународните правни кругови. 

Венецијанската комисија има 61 земја-членка, а секоја земја има по еден член со право на глас. Претседателот и потпретседателите се избираат на пленарна седница со тајно гласање, при што е потребно мнозинство од присутните членови. Изборот се темели на професионален кредибилитет, досегашен придонес и доверба меѓу членовите на Комисијата. Овој избор претставува и обврска, како што нагласи и самата професорка, за уште посилен ангажман во промоцијата на европските стандарди во демократијата, човековите права и владеењето на правото – области во кои Венецијанската комисија има клучна советодавна улога.