Мој став

Секојдневни Хероини – Весна Симјаноска

Во рамки на серијалот „Секојдневни Хероини“ започнуваме со интервјуа на жени кои секој ден прават по некој успех, без да се фалат со тоа. Жени што се справуваат со различни предизвици стоејќи и секојдневно се борат. Жени кои имаат огромно животно искуство кое споделено со други ќе придонесе за зајакнување на позициите на жените воопшто. Денес разговараме со Весна Симјаноска, за пријателите позната како Весна Песна.

Еднакви.мк: Кој момент го сметате како пресвртница во својот живот, односно Ви оставил најголемо влијание во животот?

Весна Симјаноска: Пресвртница ми беше 2016 год. кога се соочив со најголемиот животен предизвик, за жал непријатен, а поврзан со мојата нарушена здравствена состојба, која ме шокираше. Оттогаш ги сменив животните навики, пред се исхраната и на животов гледам со поинакви очи, неговата вредност доби друга димензија. Сеуште се опоравувам, но мислам дека најтешкото го пребродив, се разбира многу жалам што покрај мене (заради мене), страдаше и моето семејство, но токму заради нив верувам дека излегов победник, еве и јавно неизмерно им благодарам!

Еднакви.мк: Што мислите дека им е најпотребно на жените во Македонија?

Весна Симјаноска: Образование, образование, образование. Но не по секоја цена колку да се добие некакво признание, туку во права смисла на зборот. Само така ќе станат самостојни, самосвесни и со свои ставови, еманципирани, храбри, реализирани, успешни

 Еднакви.мк: Кој е најважниот совет што некогаш сте го дале некому?

Весна Симјаноска: Без да измислувам топла вода, мислам дека тоа е приказната со таткото на смртна постела, кој му дава совет на својот син како да успее во животот. Му остава две кутии, едната бела, другата црна, велејќи му дека би сакал двете да ги отвори тогаш кога ќе му биде најтешко (црната) и тогаш кога ќе биде најсреќен (белата). Синот го послушал и како течел животот, се повеќе тонел, кога веќе не гледал светла точка, ја отворил црната кутија во која пишувало: Ќе помине! И навистина, по извесно време почнал да се враќа во живот, се повеќе среќата му се насмевнувала, веќе реализирал голем дел од тоа што поскаувал и се сетил дека е време да ја отвори и белата кутија, а во неа пишувало: Ќе помине!

Признавам дека ова е нешто што и јас често си го повторувам, пораката ми е многу силна.

Еднакви.мк: Што би им порачале на одлучувачите да направат за жените во Македонија?

Весна Симјаноска: Да го следат примерот на Скандинавските земји, кои имаат најразвиена демократија и економија, токму заради големото процентуално учество на жените во власта

Еднакви.мк: Што би им порачале на младите жени кои се сеуште несигурни во себе?

Весна Симјаноска: Дека искуството без амбиција нема вредност, дека сигурноста доаѓа преку постојано вложување во себеси, надградување, постојано учење.